Вардар посакува триумф во Струмица, Шкендија на „жешко“ гостување во Кавадарци

Најтрофејниот македонски клуб Вардар сака да продолжи со позитивни резултати и на денешното гостување кај Брера во Струмица. По триумфот над Пелистер во Битола, Црвено-црните се надеваат дека ќе продолжат со успеси и дека ќе направат уште еден чекор напред кон опстанокот.

Од друга страна, Брера е во лоша позиција, најзагрозена на табелата заедно со Беса и за струмичкиот тим исто така нема друг избор освен да атакуваат на трите бода.

Лидерот Шкендија го очекува тешко гостување во Кавадарци, каде Тиквеш поддржан од фановите ќе сака да извлече бодови, кои му се многу потребни во битката за опстанок.

Гостивар ќе сака да се опорави од шокантниот пораз против Воска дома, со добар резултат на гостувањето кај Беса. Но, речиси идентично како и Тиквеш, и на Беса и се потребни бодови за опстанок.

Шкупи на Чаир го пречекува Работнички и се смета за фаворит пред сѐ поради домашниот терен.

Силекс е фаворит на гостувањето во Охрид против Воска Спорт, но овој тим покажа дека умее да победи фаворити, токму во минатото коло против Гостивар.

Во првиот меч од 26-то коло, Струга Трим Лум го победи Пелистер со 4-1. Двоен стрелец беше Ланре Кехинде, а погодија и Буњамин Шабани и Никола Влајковиќ.

- Оглас -

Најнови вести