Вардар потпиша со српскиот репрезентативен голман Бомаштар

Ракометниот тим на Вардар постигна договор со српскиот репрезентативен голман Милан Бомаштар (26), кој од следната сезона ќе го засили црвено-црниот состав. Договорот е со важност од почетокот на следната сезона и ќе трае две години.

Бомаштар е голман со меѓународно искуство и настапи на високо ниво, а во Вардар доаѓа како дел од планот за дополнително зајакнување на голманската линија и зголемување на конкуренцијата во тимот за домашните и европските предизвици.

Во моментов е член на француски Шартр, а зад себе има интернационално искуство и во Шведска, каде што беше дел од Шевде, и од Шпанија, каде што бранеше за Адемар Леон.

Новиот чувар на мрежата на Црвено-црните веќе ја истакна својата мотивација и амбицијата по договорот со Вардар, потенцирајќи дека соработката со тренерот на голмани Марио Келентриќ ќе биде важен дел од неговиот развој и дека со нетрпение ја очекува атмосферата во „Јане Сандански“.

„Вардар е еден од најдобрите клубови на Балканот и многу сум среќен што ќе бидам дел од таков клуб. Мислам дека ова е чекор повеќе во мојата кариера и дека многу ќе ми значи соработката со Марио Келентриќ, кој е еден од најдобрите тренери на голмани. Со нетрпение ја очекувам можноста да го бранам голот пред фантастичните навивачи на Вардар во салата „Јане Сандански“, познати како едни од најдобрите во Европа. Македонската лига во последните неколку години израсна во една од насилните лиги на Балканот. Верувам дека со Вардар ќе ги освоиме сите домашни трофеи и дека во Европа ќе се покажеме во најдобро можно светло, изјави Бомаптар.

- Оглас -

Најнови вести