12.8 C
Skopje
понеделник, 3 ноември 2025

ВАРдар прави дар-мар

Почнувајќи од овој понеделник, во „Спортската Галаксија“ на Спортманија ќе правиме ретроспектива на најинтересните спортски настани кои се случија во последните седум дена, а акцент ќе ставаме на домашните натпреварувања и случувања, иако нема да ги изоставиме ниту тие за кои се зборува во светот.

Почнуваме со фудбалот, каде што Вардар го презеде првото место на табелата во Првата македонска фудбалска лига, и тоа откако во период од неколку дена ги победи Шкендија во Тетово и Силекс дома, со пенали и игра со рака на противнички играчи во 16-никот.

Воведувањето на ВАР-технологијата во Првата лига треба да помогне за поголема регуларност и тоа се случува, иако антивардарците не може да ги убедите дека судиите не се за тимот во којшто капитен е синот на претседателот на ФФМ и дека првенството не е наместено и договорено однапред кој ќе биде првак.

Од гледна точка на Црвено-црните, обратно е, судиите некогаш му одмагаат на Вардар со тоа што во прв момент не гледаат некој пенал, но ВАР е тука за да ги коригира нивните пропусти.

Со постоењето на ВАР, се исправаат судиски грешки кои ги имаше премногу во минатото. Сега речиси да нема или драстично се намали бројот на оштетени, има само стриктна примена на правилата. За Вардар често се судат пенали, но и судиската комисија која детално ги прегледува ситуациите најчесто ги поддржува тие одлуки кои помагаат за поголема регуларност. Ако има пенал, треба да се суди, одговарало тоа некому или не.

Не сакаме како во минатото да има чист пенал, а да не биде досуден, не сакаме голови од офсајд, не сакаме да се замижи ако има некоја ситуација за црвен картон. ВАР е тука и добредојден, но не и за оние кои сакаат сè да зависи од судиите на терен кои се луѓе од крв и месо и не се непогрешливи.

Она што воопшто не сакаме да се случува, а некако зачести во пониските лиги, се инцидентите. Не дека ги немало и во минатото, ама периодов станува проблем. Во Слупчане на третолигашки меч имаше претепување на гостински голман кој заврши во болница, а беа одредени три доживотни суспензии за играчи на клубот Беса. Беше и да не се повтори, на голманот му посакуваме брзо закрепнување.

По второлигашки меч во Прилеп, фан на Победа проба насилно да влезе во соблекувалната на Шкендија Арачиново откако мечот минал со тензии, провокации и навреди. Институциите треба жестоко да реагираат за спречување на вакви несакани инциденти, особено кога се меѓуетнички и може да имаат далекусежни последици.

Велат во моментов ракометот е спорт 1 во Македонија, а изминатите денови имавме уживање во неколку ракометни настани: избор на најдобри во 2025 година од овој спорт, две контролни средби на машката репрезентација против Јапонија, пред тоа се одржа спектакл со многу македонски и европски легенди на теренот.

Пофалби и за одбојкарките на Јанта волеј, кои по 23 години се првиот македонски тим кој елиминирал некого во квалификации во ЛШ, се надеваме на успех и на Работнички во Челинџ купот.

Се обложувавте викендов? Се тресеа до крај тие што уплатија победа на ПСЖ, многу тикети ќе беа недобитни ако Светците не го дадеа голот за победа против Ница во 94-тата минута.

Баерн меле, има 15 победи на 15 меча сезонава во Бундеслигата и Лигата на шампионите. Утре Баварците гостуваат во Париз, ќе биде ли европскиот првак јунакот што прв ќе ги запре Кејн и другарите?

И Ливерпул конечно победи, си ја враќа самодовербата пред дуелот со Реал Мадрид во вторник. Кралевите имаат речиси перфектна сезона, ги добија сите освен Атлетико, од кого беа понижени во градското дерби. Спалети тргна со победа во Јуве, Барса им се врати на победите, славеа и Интер, Манчестер сити, Арсенал, се покажа дека викендов беше одличен за сите кои типуваат на главните фаворити во топ лигите.

- Оглас -

Најнови вести