Вардар 1961 е старо-нов ракометен шампион на Македонија по убедливата победа од 39:27 над Металург во последното коло од Суперлигата. Црвено-црните по 14-ти пат се владетели со македонскиот ракомет и по шести пат во низа се најдобри во земјата.
Драмтичното последно коло бараше триумф на Вардарци за да ја одбранат титулата бидејќи Еурофарм Пелистер се надеваше на кикс на Црвено-црните и сензација. Битолчани славеа против Охрид со 30:14, но сè зависеше од Вардар, кој на убедлив начин си ја заврши работата.
Во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ беше неизвесно само до резултатот 8-9 во корист на тимот од Автокоманда, по што Вардар влезе во неверојатна серија од 13-0 и практично ја заврши работата предвреме.
На трибините воедно се најде Веселин Вујовиќ, кој беше во друштво на претседателот Михајло Михајловски. Клупската легенда се очекува повторно да биде тренер на двократниот европски првак.