Актуелниот македонски првак Вардар има добра прилика на гостувањето кај Беласица да стави крај на мини-кризата и да запише триумф по пауза од четири натпревари во шампионатот на Македонија. Црвено-црните се во негативна серија од четири меча без триумф во првенството, во кои претрпеа еден пораз и ремизираа во три последователни средби.
Составот на Васоски го доби првиот овосезонски дуел против фенерџијата со 3-1 на домашен терен и така го одржа позитивниот биланс против тимот од Струмица, од кого последен пат загуби пред околу 15 години.
Вардар мора да ја искористи оваа шанса ако сака да се приклучи на екипите од горниот дел од табелата бидејќи моментално е на седмото место со 22 бода по 17 натпревари, а Беласица е последна само со 9 бода.
Во истиот термин од 13 часот се игра комплетното 18-то коло во ПМФЛ. Лидерот Шкендија го пречекува Пелистер во Тетово, Работнички на домашен терен ќе ги одмери силите со Борец, додека Македонија Ѓорче Петров ќе се пресмета со Ренова.
Играа уште Шкупи – Струга ТЛ и Силекс – Академија Пандев.