Фудбалерите на Вардар го искористија подарокот на Шкендија и повторно имаат +3 на врвот од прволигашката табела, откако со убедливи 5-1 славеа над Македонија ЃП на Националната арена во Скопје.
Кој е кој на овој меч стана јасно уште по првите 45 минути, после кои Вардар имаше убедливи 2-0, а „лавовите“ од Ѓорче Петров останаа со човек помалку на теренот.
Дарко Велковски во 31-вата минута ги донесе „црвено-црните“ во водство, а само пет минути подоцна беше исклучен Колумбиецот Перес.
Во 42-рата минута Кастањеда зголеми на 2-0 и тоа беше резултатот на паузата.
Во второто полувреме вистинска голеада. Торес во 61-вата минута зголеми на 3-0, а осум минути подоцна во листата со стрелците се запиша и Бобан Николов.
Иван Галевски во 71-вата минута го постигна почесниот гол за гостите, кога намали на 4-1, а „петардата“ во мрежата на Македонија ЃП ја пукна Торес со неговиот втор гол на натпреварот во 75-тата минута.
Вардар сега има 61 бод на врвот од Првата лига, три повеќе од Шкендија, додека Македонија ЃП е на десеттото место со 23 поени и до крајот ќе ги очекува жестока борба за опстанок.

