Вардар работи со полна пареа, Грне најави камбек во елитата (фото)

Фудбалскиот клуб Вардар во Охрид продолжи со претсезонските подготовки, каде што денес (17:30 часот) ќе го одигра третиот контролен натпревар против тимот на Охрид.

Во пресрет на натпреварот, разговаравме со тренерот на Црвено-црните, Бобан Грнчаров, кој ја сподели оптимистичната енергија со нас. Според она што досега популарниот Грне го забележа од подготовките, неговите фудбалери максимално работат во овој летен период за кога ќе почне новата сезона во Втората лига, да бидат потполно подготвени за атак на првото место од Западната дивизија преку кое се обезбедува место во елитното друштво на макфудбалот.

„Пред денешниот дуел одигравме две контролки против Скопје и Локомотива и, секако, можам да издвојам позитивни делови од двата меча. Игравме во комбинирани состави во секое од полувремињата. Против Локомотива можевме да дадеме повеќе од три гола, додека во средбата против Скопје не искористивме повеќе шанси за погодок и подобар резултат, а примивме гол во 92-рата минута. Сепак, треба да се потенцира дека во вторите 45 минути на теренот пуштив петмина млади играчи коишто заслужуваат да играат за овој тим на Вардар бидејќи поседуваат голем потенцијал и талент.

Севкупен заклучок од двата натпревари е дека видовме и позитивни и негативни работи, а секако моментално се фокусираме да ги исправиме т.н. мани. Денешниот дуел против Охрид ќе се одигра во две полувремиња од по 60 минути, така што постепено почнуваме да го составуваме тимот кој ќе претставува стартна постава. Јасно ни е дека фудбалерите се заморни, работиме двапати дневно, но сигурен сум дека до почетокот на сезоната ќе бидеме во топ-форма“, истакна Грнчаров за СПОРТМАНИЈА.

Вардар по крајот на минатата сезона се раздели дури со 13-мина играчи, од кои само двајца беа стандардни првотимци кои се разделија со клубот поради што добија подобри понуди. Сепак, освежувањата во екипата засега се покажаа повеќе од адекватни, како што вели Грне, и веќе се адаптираа на средината.

„Точно е дека заминаа голем дел од фудбалерите по минатата сезона, но само двајца од вкупно 13 добиваа минутажа, па затоа со останатите беше логична разделбата. Во меѓувреме новите имиња засега покажуваат дека се на одлично ниво, поседуваат квалитет кој нам ни е пресуден за враќање во Првата лига. Сите детално беа анализирани и доведени со одличната работа на управата, пред сè на спортскиот директор Баевски“, додаде Грне.

За она најважното, споменатиот камбек во елитата, Грнчаров потенцираше дека само такво остварување ќе се смета за успех бидејќи на Вардар местото му е во Првата лига и да се бори за титули.

„Покрај Вардар, има можеби две или три екипи кои исто така делат слични амбиции, но нам императив ни е да се вратиме таму каде што ни е местото. Токму поради тоа периодов работиме со максимални напори за кога ќе почне сезоната веднаш да атакуваме на позицијата која ни гарантира влез назад во Првата лига. Вардар заслужува и треба да биде повторно во елитата како најуспешен фудбалски клуб во Македонија“, заврши тренерот на најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Македонскиот стратег за крај најави дека до 31 август Вардар може дополнително да го поднови ростерот, веројатно со уште двајца играчи за кои дополнително ќе се анализираат позициите каде што треба да се пополни дефицитот.

- Оглас -

Најнови вести