Два меча од Прва фудбалска лига на Македонија ќе се одиграат денеска во рамките од седмото коло. Фокусот ќе биде на дуелот кој ќе се игра на Арената „Тодор Проески“ каде Вардар е домаќин на соседот Работнички.
Со пет победи и едно реми, Вардар е на самиот врв на табелата, додека Работнички дури во претходното коло конечно се израдува на првата победа и тоа убедлива со 3:0 над Пелистер и сега со четири бодови е на претпоследното место на табелата.
Оваа година, градските ривали одиграа два пати и Вардар победуваше со 2:0 и 1:0. Интересно е дека на последните шест меѓусебни средби секогаш било една од екипите да не постигне гол, односно да биде НГ. Дури 17 од последните 18 дуели на градските ривали, резултатот на крајот бил со не повеќе од два гола, а дури 14 пати било НГ комбинација.
Димитар Тодоровски е еден од оние кои ја креираат играта на Вардар и верува дека Црвено-црните ќе ги освојат трите бода.
„Пред ваквите дуели нормално е да се каже дека го респектираме противникот, кој што секако има свој квалитет, дека ќе дадеме се од себе на теренот и дека посакуваме победа. А и во суштина мислам дека е така. Работнички е тим кој што има квалитетни, искусни играчи, а од друга страна пак има неколку активни У21 репрезентативци. Тоа воопшто не е за потценување. Од друга страна пак, ние не само што поседуваме несомнен квалитет, туку периодов играме добро. Против Арсими имавме и тоа како добар ден, посакувам истото да се случи и денес. Вечерен термин, Арената, добар терен, публика. Нормално дека секој сака да е вечерва дел од овој дуел. Конечно, ние сме Вардар, во овој момент, во оваа лига Вардар се прашува. Одиме на три бода, а потоа и на славје со нашите навивачи“ – изјави Димитар Тодоровски пред вечерашното дерби против неговиот некогашен клуб Работнички.
Шкендија која истотака е во трка за висок пласман на табелата, во Тетово е фаворит за победа над Тиквеш.