Специјално од Сан Марино, Трајан Маневски
Вардар се пласира во второто квалификациско коло од Конференциската лига иако вечерва на гостувањето во Сан Марино оддигра само 2:2 против Ла Фиорита. Црвено-црните одат во следното коло со вкупен резултат од 5:2 затоа што на првиот славеа убедливо со 3:0.
Лошо почна мечот за македонскиот тим во Сан Марино. Домаќините поведеа со голот на Жоао Фелипе од пенал. Ветеранот Ненад Мишковски несмасно играше со рака во шеснаесетникот и главниот судија Џонс од Велс покажа на белата точка, а Фелипе биеше прецизно.
Вардар имаше шанса да израмни пред крајот на првото полувреме, кога во 41-вата минута капитенот Закариќ шутираше силно од далечина, но неговиот удар заврши во пречката.
На почетокот на вториот дел, тренерот на Вардар, Гоце Седлоски, направи три измени, а Црвено-црните за кратко време стигнаа и до израмнување.
Во 59-тата минута еден од домашните фудбалери играше со рака во шеснаесетникот и беше досуден пенал за Вардар. Роџерс Мато, кој во игра влезе во 46-тата минута, биеше прецизно од белата точка и израмни на 1:1.
До крајот на мечот имаше уште по еден гол во двете мрежи, и тоа два автогола. Вардар поведе со 2:1 откако по еден центаршут на Кастанеда, во петерецот на домаќините несмасно реагираше Грандони и си постигна автогол во 85-тата минута.
Кога се мислеше дека Вардар ќе победи, Јанкулов си даде автогол на спротивната страна во 90+3 минута за конечни 2:2.
Следниот предизвик на Вардар ќе биде двомечот против тимот на Лозана од Швајцарија. Според распоредот, Вардар ќе биде домаќин на 24 јули во Скопје, а седум дена подоцна, односно на 31 јули ќе се игра реваншот на гостински терен.