Вардар потпиша двегодишен договор со талентираниот хрватски репрезентативец Леон Љевар, кој доаѓа во Скопје веќе од следната сезона.
Љевар (24), роден во Риека, Хрватска, е висок 198 см и настапува на позицијата лев бек. Доаѓа од словенечкиот клуб Слован, каде што оваа сезона остави силен впечаток со одлични игри во Европската лига – постигнувајќи дури 44 гола и истакнувајќи се како еден од најзначајните стрелци на својот тим.
Покрај клупските успеси, Љевар е и член на хрватската репрезентација, каде што неодамна имаше силни настапи и го привлече вниманието на ракометната јавност низ Европа. Поради мала повреда мораше да го пропушти ЕП во Данска, Шведска и Норвешка иако беше на списокот на хрватскиот селектор.
„Многу ми е големо задоволство и чест што потпишав за Вардар. Сите знаеме каква историја има Вардар и ми е драго што имам можност да бидам дел од таков клуб. Се радувам на играњето во Вардар и се надевам дека ќе му помогнам на тимот да ги оствари сите поставени цели“, изјави Љевар.

