Вардар се удри во блокот на Барселона

Барселона е првиот тим кој сезонава си заминува победнички од „Јане Сандански“. Најтрофејниот европски клуб славеше против Вардар во Скопје со 30:26, во дербито од 7. коло на Лигата на шампиони. Со оваа победа, Барселона останува осамена на врвот на табелата во А групата со шест победи и еден пораз, додека за Вардар ова беше втор неуспех, а прв пред своите гледачи. „Црвено-црните“ останаа на 10 бода, колку што имаат и Рајн-Некар и Киелце.

Дибиров со шест гола беше најефикасен кај Вардар. Кристопанс погоди пет пати, а Чупиќ беше стрелец на четири гола.

Барселона поведе со 1:0, а Вардар успеа да израмни на 1:1, што беше и единствен нерешен резултат на мечот. Гостите со серија од 4:0 стигнаа до предност од 5:1 во 8 минута. Чупиќ од пенал и двата гола од контра напади на Дибиров беа доволни за 4:5, а Барселона потоа погоди за 6:4. Вардар намали на 5:6, а потоа „црвено-црните“ имаа 2-3 напади за да израмнат, но не погодија.

Во 15 минута беше 7:6 за Барселона, која со серија од 3:0, повторно стигна до четири позитива (10:6). Борозан погоди за 7:10, но повторно со нова серија од 3:0, гостите стигнаа до најубедливи 13:7 во 28 минута. Во последните две минути Вардар со два гола намали на 9:13 за задржување на надежите.

Барселона во второто полувреме продолжи во ист ритам. Брзо повторно стигна до плус 6 (16:10) и оваа позитива ја оддржуваше без проблем. Во 45 минута, гостите за прв пат стигнаа до седум гола предност 16:23, а до крајот на мечот искусен тим како Барселона не дозволи никакво изненадување и покрај одличната атмосфера која ја создадоа околу 7.000 навивачи на Вардар.

- Оглас -

Најнови вести