На фудбалските терени низ Македонија, попладнево ќе биде комплетирано 27-мото коло од Првата фудбалска лига. Најголемо внимание привлекува дуелот помеѓу градските ривали Работнички и Вардар, дуел кој ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Ако некогаш градското дерби одлучуваше за титулата и за излез во Европа, 76-тата пресметка помеѓу Работнички и Вардар можеби ќе ни даде одговор која од екипите ќе биде поблиску до опстанокот во лигата. „Црвено-црните“ во моментов се на осмата позиција со 29 бодови, додека Работнички со поен помалку е деветти и се над позицијата која води во баражот.
Во досегашните 75 натпревари, Вардар е поуспешен со 33 победи, 17 меча завршиле нерешено, додека Работнички славел на 25 дуели. Според квотите во Sport Life, Работнички е во мала предност и денес со квота од 2.25, додека квотата за победа на Вардар е 2.95.
На останатите дба натпревари, домашните екипи се фаворити за победа. На Градскиот стадион во Тетово, екипата на Шкендија го пречекува Силекс, додека шампионот Струга ќе брка задржување на лидерската позиција на табелата во дуелот против штипска Брегалница.