Повеќе од две недели трае сагата околу иднината на Роџерс Мато во Вардар. Репрезентативецот на Уганда имаше блескава есенска полусезона во Црвено-црниот дрес, а потоа одигра одлично и во националиот дрес на Африканскиот куп на нациите.
Сите тие добри игри беа причина Мато да се најде во фокусот на многу европски клубови кои сакаа да го доведат во своите редови. Најконкретен беше шкотскиот Хартс, кој успеа да потпише преддоговор со Мато, а напаѓачот да замине во Единбург на крајот од оваа сезона.
Хартс е тим кој е лидер во шкотското првенство и има шанса да биде првата екипа која по пауза од 41 година ќе успее да стигне до шампионскиот трофеј, а тоа да не бидат гигантите Ренџерс и Селтик.
Токму затоа Хартс сака Мато да го доведе во своите редови уште во овој преоден рок. За тоа да се случи, Хартс треба да плати 500.000 евра за предвремен раскин на договорот на Мато со Вардар.
Шкотските медиуми пишуваат дека Хартс го активирал „копчето“ за активирање на откупната клаузула и до крајот на јануари треба да се случи Мато да го облече дресот на тимот кој е прв во првенството каде што неколку децении владеат Ренџерс и Селтик.
Вардар моментно е на зимски подготовки во Анталија, каде што денеска беше одиграна и втората контролна средба, против екипата на Андијон од Узбекистан, а на крајот резултатот беше 1:1.

