Вардар сезонава одигра само еден меч повеќе од Шкендија како домаќин на Арената „Тодор Проески“!

Вчера заврши серијата без пораз на Вардар во домашните натпреварувања откако со 0:1 во Скопје загуби од Шкендија. Мечот кој Вардар го загуби се играше на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ кај ФФМ, а на крајот тетовци заминаа со победнички кренати раце. Вардарци ја завршија низата од 41 натпревар без пораз под водство на тренерот Гоце Седлоски, која траеше речиси 13 месеци.

Навивачите на Вардар посебно беа лути што дербито против Шкендија не се игра на Арената „Тодор Проески“. Едноставно Вардар како да се „пресели“ на теренот на ФФМ, па таму ги одигра последните неколку средби на кои требаше да биде домаќин.

НА 9 НОЕМВРИ МИНАТАТА ГОДИНА ВАРДАР ПОСЛЕДЕН ПАТ ИГРАШЕ НА СВОЈОТ ДОМ

Црвено-црните последен пат на Арената „Тодор Проески“ играa на 9 ноември, кога со 3:1 го победиja Тиквеш. До крајот на есенскиот дел Вардар беше домаќин на Шкупи, но тој меч се играше на теренот крај ФФМ. Потоа следуваше зимската пауза, а во пролетниот дел Вардар започна против Арсими повторно на ФФМ теренот. На истиот терен, Вардар ги нагости и Башкими, потоа Охрид во Купот и вчера Шкендија.

Јавно нема образложение зошто Вардар како домаќин игра на теренот на ФФМ, а не на Арената „Тодор Проески“, но тоа што е јасно е дека оваа сезона најтрофејниот клуб во Македонија одигра само еден меч повеќе од тетовска Шкендија како домаќин на најголемиот стадион во Македонија.

Вардарци беа домаќини вкупно деветпати на Арената. Два меча одиграа во квалификациите од Конференциксата лига против Ла Фиорита од Сан Марино и против Лозана од Швајцарија, додека во домашните натпреварувања Вардар на „Тодор Проески“ беше домаќин само седумпати, и тоа во дуелите против Пелистер, Брера, Македонија ЃП, Работнички, Струга, Силекс и Тиквеш.

ШКЕНДИЈА ОСУМПАТИ БЕШЕ ДОМАЌИН НА АРЕНАТА ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

За разлика од Вардар, Шкендија сезонава осумпати како домаќин играше на Арената во Скопје и сите осум дуели беа во европските купови. Тетовци во европските натпреварувања на Арената во Скопје сезонава прво ги нагостија ТНС од Велс, ФЦСБ од Романија и Карабах од Азербејџан во квалификациите од Лигата на шампионите.

Потоа продолжија и во Лигата на Европа, каде што играа со Лудогорец од Бугарија, а во групната фаза од Конференциската лига беа домаќини на Шелбурн, Јагелонија и на Слован Братислава. Последен меч кој сезонава Шкендија во европските купови го одигра на Арената во Скопје беше против Самсунспор.

До крајот на вториот дел од првенството Вардар треба да гостува кај Силекс, додека Шкендија ќе игра во Тетово против Брера. Вардар треба да слави во Кратово за сигурно да ја задржи првата позиција на табелата во пресрет на третиот последен круг, а со тоа и да ја добие предноста на домашен терен во евентуалниот меч од последното коло против Шкендија, кога би можело и да се реши шампионот.

Ако Вардар продолжи да игра на стадионот крај ФФМ, таа предност на домашен терен може и ништо да не му значи бидејќи резултатите покажаа дека Вардар на „тесниот“ стадион „Петар Милошевски“ не игра баш убедливо затоа што едвај со 1:0 го победи Башкими, потоа беше елиминиран од Охрид во Купот, а вчера загуби и од Шкендија во првенството.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести