Вардар со барање до Град Скопје и ПУИГ: „Доживотно да го користиме Градски бесплатно“

Денешната прес-конференција на Вардар донесе неколку интересни предлози, а еден од нив е и Градот Скопје и ПУИГ да му дозволат на ФК Вардар доживотно да го користи „Градскиот стадион“ во Скопје без финансиски надомест.

„Имаме барање Вардар доживотно бесплатно да го користи Градски стадион. Тој стадион е изграден за Вардар со самопридонес на населението. Вардар е господар на тој стадион. Еднаш засекогаш сите институции треба да застанат зад Вардар, а не да се штиташ олигарсите. Вардар е симболот на Македонија и тоа сите го знаат. Имавме разговори во ПУИГ, во УЈП, имавме конструктивни разговори и чекаме каков ќе биде исходот“, изјави претставникот на НГ Комити, Милорад Миленковски – Мики.

Миленковски на прес-конференцијата се осврна и на долгот што го има клубот во моментов, а кој изнесува околу 3 милиони евра. Според него, тука затаиле државните органи бидејќи било дозволено Сергеј Самсоненко да го купи клубот без ниту едно евро долг, а да го напушти со 2,4 милиони евра долг.

„Веруваме дека сите ќе застанат во одбрана на националниот бренд. Кога си замина Самсоненко, остави долг од 2,4 милиони евра, иако го зеде клубот со чисти сметки. По доаѓањето на Слободан Крстевски, долгот е зголемен за 400.000 евра. Ако Самсоненко го исплател долгот од 2,4 милиони евра, сега клубот ќе беше на нула. Тука државата требало да преземе мерки, но тоа не се случило, затоа ние застанавме во одбрана на Вардар. Вардар ќе живее ако застанеме сите зад него. Ние вложуваме сè, а не добиваме ништо само Вардар да биде тоа што заслужува да е“ , дополни Миленковски.

Новата сезона во прволигашката конкуренција треба да започне на 5 август. Ждрепката ќе биде извршена дури откако ќе биде познато дали сите екипи ќе добијат лиценца за настап во лигата.

- Оглас -

Најнови вести