Ракометарите на Вардар имаа одлично загревање за мечот со Мелсунген во Лигата на Европа. „Црвено-црните“ рутински победија на гостувањето кај Прилеп во македонсата Супер лига со 27-37.
Победникот на мечот беше решен уште во првото полувреме, кое им припадна на вардарци со 12-19. Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Вардар, Стефан Петриќ, со седум погодоци. Вардар со оваа победа се израмни по бројот на бодови со Охрид, по 12, но охриѓани имаат меч помалку, оној против шампионот Еурофарм Пелистер кој треба да го одиграат утре.
На останатите два меча кои се одиграа денес, Бутел ја доби драмата во Кавадарци и го победи домашниот Тиквеш со 23-24, додека Пролет очекувано на домашен терен го совлада Куманово со 28-25.
Утре освен мечот помеѓу Еурофарм Пелистер – Охрид, треба да се игра и дуелот помеѓу Струга и Радовиш.