Вардар и Црвена ѕвезда на 16 април во Скопје ќе одиграат хуманитарен натпревар, а средствата од продадените билети ќе бидат донирани на семејствата на настраданите и повредените од големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од раководството на Црвено-црните со соопштение ги информираат навивачите околу процедурите на денот на мечот, но и информираат дека досега се продадени над 15.000 билети.
Во продолжение комплетното соопштение на ФК Вардар.
„Хуманитарниот натпревар во корист на настраданите од трагедијата во Кочани, помеѓу ФК Вардар од Скопје и Црвена ѕвезда од Белград предизвикува огромен интерес. На 9 дена до натпреварот продадени се повеќе од 15.000 билети.
Поради тоа управата замолува посетителите да влезат на стадионот најмалку половина час порано, односно околу 19.30 часот. Со цел да се избегнат гужвите при влегувањето. Фан зоната на гостинскиот клуб ќе биде лоцирана кај фонтаната во Градскиот парк. Ги замолуваме гостинските навивачи да купуваат влезници за Источната трибина. Билетите се стриктно нумерирани и броени, така што нема да има никакво неовластено и прекумерно влегување на натепреварот. Возила без VIP и V-VIP акредитации нема да можат да влегуваат и да се паркираат околу стадионот, односно нема да можат да се движат во правец на стадионот подалеку од Министерството за земјоделство. Влезот за хендикепирани лица кои се движат со помош на инвалидски колички ќе биде од сервисниот влез на југо-исток, а ќе можат да бидат придружувани од едно лице. За тие лица да можат да добијат билет/дозвола за влез, претходно треба да се пријавата на e-mail: info@fcvardar.com. Сите новинари и фоторепортери што сакаат да присуствуваат на натпреварот мора да побараат специјална акредитација на e-mail: info@fcvardar.com Редовните акредитации за сезоната 2024/25 за овој натпревар нема да важат. ФК Вардар – Скопје“, се вели во соопштението.