Двократниот европски првак Вардар сака со победа да ја заврши групната фаза од ракометната Лига на шампиони. Црвено-црните попладнево на свој терен го пречекуваат Мешков Брест. Тоа е тимот кој има најслаб биланс во групата на гостински терен. Во шесте гостувања, Мешков претрпе пет порази и само еднаш ремизира, што дава дополнителен мотив за Вардарци.
Белорускиот тим му е добро познат противник против кој Вардар во изминативе четири и пол години има одиграно дури 15 мечеви. Билансот за малку е на страната на Вардар, кој има седум победи, противникот победил шестпати, а два меча завршиле нерешено.
Вардар дома игра неубедливо и е само со една победа, и тоа против Флензбург (31:26) остварена уште во октомври минатата година. Црвено-црните потоа наредија пет дуели, во кои трипати загубија, а двапати одиграа нерешено. Главната опасност на Вардарци ќе доаѓа од некогашниот играч во црвено-црниот дрес Сташ Скубе, кој е „моторот“ во играта на Мешков.
Според коефициентите, се очекува ова да биде неизвесен меч и драматичен до самиот финиш, а доколку верувате во моќта на Вардар, коефициентот за „кец“ е одличен и вреди да се одигра. Дуелот во „Јане Сандански“ ќе започне со една минута молк, во чест на голманот на Порто, Алфредо Кинтана, кој почина од срцев удар на 32 години.
Денеска својот прв меч во ЛШ по страшната трагедија ќе го игра и Порто, и тоа на гости кај Елверум.