Лидерот во прволигашката фудбалска конкуренција, скопски Вардар, го отвори пролетниот дел од првенството на најдобар можен начин – со убедлива победа од 5-1 над Арсими на домашен терен.
Црвено-црните дојдоа до трите бода уште по првите 45 минути, по кои имаа и повеќе од убедливи 4-0. Она што може да го радува Гоце Седлоски е фактот дека првите три гола беа дело на фудбалерите кои пристигнаа во Вардар како зимски засилувања.
Резултатот го отвори српскиот интернационалец Стефан Цветковиќ во петтата минута, а Бобан Николов во 18-тата минута зголеми на 2-0.
Веќе во 34-тата минута беше 3-0 за Вардар со голот на Дарко Велковски, а Немања Босанчиќ во 42-рата минута ги постави конечните 4-0 на полувреме.
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб во вториот дел постигна уште еден гол, а тој беше дело на Азер Омерагиќ во 69-тата минута. Сепак, гостите од Чегране на крајот постигнаа и почесен погодок, и тоа преку Цуцули од пенал во 93-тата минута.

Вардар сега има четири поени предност пред Струга и плус шест од третопласирана Шкендија.


