19.8 C
Skopje
петок, 19 септември 2025

Вардар убедлив против Арсими, Работнички конечно победи, и тоа со 3:0

Вардар без проблеми победи на гостувањето кај Арсими во Гостивар со 4:1, во меч од шестото коло во Прва македонска лига. Со овој триумф Црвено-црните стигнаа до 16 бода, израмнувајќи се на врвот на табелата со Струга Трим Лум, која има подобра гол-разлика.

Уште во првото полувреме беа решени сите дилеми околу победникот на стадионот во Гостивар. Вардар предводен од Роџерс Мато стигна до 1:0 со голот на репрезентативецот на Уганда во 10-тата минута.

Дефанзивецот Мислав Матиќ зголеми на 2:0 во 29-тата минута, а неколку минути подоцна веќе беше и 3:0, кога повторно Мато беше прецизен. На почетокот на второто полувреме, Мато го комплетира хет-трикот за 4:0.

До крајот на мечот, Арсими постигна почесен гол во 72-рата минута, и тоа преку Рамадани, чиј шут од слободен удар заврши во „живиот ѕид“, го измами голманот Давор Талески и заврши во мрежата.

Работнички во шестото коло стигна до првата победа, откако со 3:0 славеше над Пелистер. Романтичарите со головите на Кадриу во 31-вата и Трајков во 43-тата минута водеа со 2:0, а триумфот го потврди Кадриу со својот втор погодок во 74-тата минута.

Табелата по шетото коло: Струга ТЛ 16 бодови, Вардар 16, Силекс 15, Шкендија 11 (меч помалку), Башкими 10, Македонија ЃП 6, Пелистер 6, Арсими 5, Тиквеш 5, Брера 5, Работнички 4, Шкупи без бодови.

- Оглас -

Најнови вести