Вардар во финишот го скрши отпорот на Војводина

Вардар славеше на гостувањето кај Војводина со 26:23 во рамките од 14-тото коло во СЕХА-лигата. Црвено-црните ја продолжија победничката серија и во вториот дел од сезоната во ова натпреварување, сега бројат седум последователни победи, а воедно со 36 бода се вратија на лидерската позиција на табелата.

Во неизвесниот дуел, победникот се одлучуваше во последните три минути. Војводина на паузата замина со предност од еден гол, меѓутоа во финишот Вардарци го скршија отпорот на срспскиот состав.

Чупиќ постигна гол од пенал за 24:23 на две и пол минути до крајот, а во следниот напад на домаќините Милосављев ја запиша 11-тата интервенција на мечот, која се покажа како одлучувачка. Избраниците на Парондо потоа постигнаа уште два гола преку Криштопанс и Скубе и со цел плен ќе се вратат во Скопје.

Чупиќ заврши како најефикасен од таборот на Вардар со осум погодоци, Скубе постигна еден помалку, а голема заслуга за победата има и Милосављев со 11 интервенции. Кај домаќините, по три гола постигнаа Челица, Томиќ и Вучичевиќ.

Следен предизвик на Вардар во СЕХА-лигата ќе биде дуелот на домашен терен против ППД Загреб, кој е закажан за 27-ми февруари.

- Оглас -

Најнови вести