Македонскиот ракометен гигант Вардар вечерва од 20:45 часот ќе гостува во Загреб кај Сесвете, во меч од петтото коло на Европската лига на ЕХФ. По досега одиграните мечеви, Вардар е лидер на табелата со шест бода, додека Сесвете и Кристијанштад имаат по пет бода.
Вардар ќе брка победа вечерва за да има сигурен пласман на едно од првите две места, а многу веројатно и првото место ако се знае дека во последното коло Црвено-црните дома ќе играат со аутсајдерот Тулуз, кој сега е без бодови.

Пред малку повеќе од еден месец Вардар во „Јане Сандански“ со 34:29 го победи Сесвете. Интересно е дека хрватскиот тим по тој пораз во Скопје влезе во одлична серија и има седум победи и едно реми. Сепак, вардарци не се плашат од денешниот ривал и доколку одиграат на посакуваното ниво, сигурно може да се вратат со двата бода од гостувањето во Загреб.

