Вардар загуби со 3:1 од Хајдук во пријателски меч кој се играше во Белек, Турција. Црвено-црните одиграа солидно прво полувреме, по кое водеа со 1:0, но во вториот дел хрватскиот тим ја презеде иницијативата, повеќе напаѓаше и тоа го круниса со три погодоци.
Дарко Мицевски донесе водство за Вардар во 12-тата минута, во првата конкретна акција, а во продолжение од првиот дел, иако Хајдук повеќе напаѓаше, немаше погодоци. Хрватскиот тим офанзивно тргна и во второто полувреме, а отпорот на црвено-црните беше скршен во последните 20 минути.
Во 73-тата минута Крековиќ погоди за 1:1, а во следните 12 минути екипата од Сплит даде уште два погодока. Телкиќ донесе водство за Хајдук во 82-рата минута, а победата ја потврди Крековиќ со својот втор погодок.