Македонскиот првак Вардар многу брзо се врати на победите во Лигата на шампионите. Петтиот триумф во шестиот меч сезонава е во дуелот против Мешков Брест. „Црвено-црните“ славеа со 29:22. Гостите од Белорусија успеаа да парираат во првото полувреме кога беше нерешено 14:14. Сепак, дека нема да има изненадување во „Јане Сандански“, Вардар се погрижи со одлична игра во вторите 30 минути.
Одбраната предводена од голманот Гедбан функционираше одлично, а Игор Карачиќ беше предводник во нападот. Кога Вардар е разигран, никој не може да го сопре, а тоа беше случај и овојпат. На крајот, македонскиот првак победи како увертира за дербито кое следната недела „црвено-црните“ ќе го играат против Барселона во Скопје.
Игор Карачиќ со 11 погодоци беше незадржлив во нападот, Дибиров даде 6 гола, исто колку и Чупиќ. На голот на Вардар одличен беше Гедбан со 10 одбрани.
Мешков одлично го отвори мечот. Гостите поведоа и постојано имаа предност во првите 15-тина минути, но таа не изнесуваше повеќе од два разлика. Вардарци решија да стегнат во одбраната и со серија од 3:0, негативата од 6:8, па претворија во прво водство од 9:8 во 17 минута.
До крајот на првото полувреме, Мешков неколку пати израмнуваше, Вардар повторно поведуваше со еден гол, за да по 30 минути игра, гостите успеат да стигнат до 14:14.
Вториот дел започна со шестиот гол на Караџиќ за водство на Вардар од 15:14, но гостите брзо вратија од пенал и неизвесноста продолжи. Гостите поведоа со 17:16 во 36 минута, но во следните три минути со серија од 3:0, Вардар поведе со 19:17 во 39 минута. Игор Карачиќ блескаше и до овој момент имаше постигнато девет погодоци и беше нерешлива енигма за гостите во нападот.
„Црвено-црните“ водеа и со 21:19, а во тие моменти имаа голема поддршка и од голманите. Гедбан имаше неколку интервенции, а Милосављев одбрани пенал.
Вардар тоа го искористи во нападот и со четири гола стигна до (25:19 во 49 минута). Караџиќ го даде јубилејниот 10 гол, за најубедливата предност од шест гола. Таа предност во 53 минута се зголеми на седум разлика (27:20) и последните седум минути беа само формалност.