9.8 C
Skopje
понеделник, 26 јануари 2026

Вардар загуби од Динамо Махачкала во Турција

Специјално од Сиде, Турција

Трајан Маневски

Лидерот во македонското првенство, Вардар, загуби со 3:0 од Динамо Махачкала во контролен натпревар што се одигра во Турција. Рускиот прволигаш уште во првото полувреме ги реши сите дилеми околу победникот.

Во 19-тата минута, по еден изведен корнер, дефанзивецот Андреас Алкарон најдобро се снајде во шеснаесетникот и го совлада Ќосевски.

И во продолжение на првиот дел, Динамо имаше иницијатива, а по една грешка на потесната одбрана на Вардар, беше направен прекршок во казнениот простор на Вардар и беше досуден пенал за тимот од Махачкала. Во 34-тата минута сигурен реализатор беше Гамид Агаларов.

Во второто полувреме Вардар започна со седум измени, а Динамо направи комплетна смена на целиот состав во 61-вата минута. Двата тима имаа свои шанси, а Динамо постигна трет гол во 81-вата минута, откако Словенецот Јан Џапо погоди со силен шут од околу 20 метри.

За Вардар ова е втор пораз во подготвителниот период, откако претходно загуби и од Јаблонец со 6:2, а има и нерешено во дуелот со Андихан (1:1). До крајот на подготовките во Турција, Вардар ќе одигра и контролни средби против Ахмад од Русија на 29-ти јануари и против Алашкерт од Ерменија на втори февруари.

Вардар на мечот против Динамо Махачкала стартуваше во следниот состав: Ќосевски, Јанкулов, Матиќ, Сенхор, Ибрахим, Тодоровски, Бабунски, Закариќ, Спахиу и Омерагиќ.

- Оглас -

Најнови вести