Вардар има нова мисија во Лигата на шампионите, да оствари четврта победа во низа во Шведска против Кристијанштад. Македонскиот првак е голем фаворит во дуелот од 13-тото коло во европското натпреварување, а со позитивен резултат ќе имаат шанса да го заверат третото место на табелата во групата А.
Екипата на Кристијанштад е редовен пациент на „црвено-црните“, во седум пресметки седум пати биле на страната на поразените, а сега со новиот тренер Љубомир Врањеш ќе се обидат да ја прекинат таа низа.
Што се однесува за Вардар, зо Шведска не отпатува бекот Вуко Борозан, како и Марко Мишевски, а тренерот Парондо вели дека неговите ракометари се подготвени на секокаов предизвик.
„Борозан и натаму чувствува болки, додека уште 2-3 играчи имаат проблеми, но тие ќе играат. Единствено што ме интересира е овој меч, ништо друго. Ги забораваме претходни средби, бидејќи овој дуел ќе биде поразличен од поранешните пресметки. Кристијанштад има нов тренер и покажаа добра игра на домашен терен. Не знаеме какво изненадување може да подготват, но ние ќе ја спроведеме нашата игра“, истакна тренерот Парондо.
Вардар ја доби првата овосезонска пресметка против шведскиот тим со 33-25 во СЦ „Јане Сандански“. За потсетување, натпреварот Кристијанштад – Вардар започнува во 19 часот.