Вардарци ја победија Струга, двете екипи оддадоа почит кон настраданите во трагедијата (Фото)

Вардар 1961 со убедлива победа над Струга (40-26) ја заврши првата фаза од Суперлигата, но сè уште чека исход од натпреварот меѓу Алкалоид и ГРК Охрид за да го дознае своето конечнo позиционирање пред плејофот.

Пред почетокот на мечот беше оддадена почит на настраданите во трагедијата во Кочани.

Црвено-црните ја контролираа играта од самиот почеток, а водени од одличните Хориха и Маргели, брзо се одлепија на 9-3, што им овозможи полесно да го наметнат својот ритам. До крајот на првото полувреме разликата само се зголемуваше, па на паузата резултатот беше 19-11.

Во вториот дел, Вардар продолжи во ист стил, зголемувајќи ја предноста на 28-18, а тренерот Милано им даде шанса на сите играчи од ростерот.

Најефикасни во редовите на Вардар беа Хориха и Маргели со по седум гола, додека Лазаревски и Родригес постигнаа по шест. Кај Струга најдобри стрелци беа Немања Џигероски и Александар Стојков, кои исто така реализираа по шест гола.

Сега Вардар со нетрпение го очекува исходот од дуелот меѓу Алкалоид и Охрид. Доколку Охрид избегне пораз против тимот на Кирил Лазаров, тогаш Црвено-црните ќе го осигурат првото место во пресрет на плејофот.

- Оглас -

Најнови вести