Денеска се игра последното коло од второлигашката конкуренција во македонското фудбалско првенство, а кулминација на Исток и на Запад ќе биде за освојување на второто место.
Победа и Силекс сигурно се први веќе го прославија враќањето во Прва лига, додека сега останува борбата за втората позиција на табелите кои водат во баражот за пласман во елитното друштво.
Најтрофејниот клуб во Македонија, Вардар во Дебар гостува кај Кораби и мора да победи, но Црвено-црните треба да чекаат и добри вести од Кратово, каде ќе играат Силекс и Воска Спорт. Силекс нема многу мотиви да игра, но затоа гостите сакаат да освојат бод, за да бидат сигурни дека ќе го задржат второто место на табелата и дека ќе игаат бараж.
Воска Спорт има 58 бодови, три повеќе од третиот Вардар и затоа им е доволно да не загубат од Силекс. Доколку Воска загуби во Кратово, а Вардар слави против Кораби, тогаш двете екипи ќе имаат по 58 бодови, но Вардар е подобар во меѓусебниот дуел и Црвено-црните ќе завршат како втори и ќе играат бараж.
Едноставно навивачите на Вардар како никогаш досега ќе треба да навиваат за некогашниот нивни голем ривал Силекс.
Ќе биде неизвесно и на Истокот, каде за второто место се борат Беласица (56 бодови) и Слога Виница (55 бодови). Беласица гостува кај Кожуф во Гевгелија и со победа, струмичани ќе бидат сигурно втори. Слога во виница ја пречекува Победа, која веќе има обезбедено прво место и пласман во Прва лига, па прилепчани се без многу мотив за игра.