Ракометарите на Вардар 1961 утревечер (почеток 20.45 часот) во „Јане Сандански“ против Порто го играат можеби и клучниот меч во групната фаза од ЕХФ Европската лига и затоа од таборот на Црвено-црните повикуваат на што поголема поддршка од трибините и најавуваат голема борба за многу потребната победа.
Португалскиот тим е можеби благ фаворит на хартија, но уште нема победа во ова европско натпреварување сезонава. Порто ремизираше на гости кај Валур на Исланд, а дома загуби со пет гола разлика од германскиот Мелсунген. Вардарци на свој терен беа подобри од Валур со 7 гола разлика, а потоа беа декласирани во Германија и претрпеа пораз дури од 16 гола разлика.
„Знаеме колку е важен овој меч ако сакаме да ја поминеме групата. Во првото коло добро се претставивме пред нашата публика и сакаме така да биде и против Порто. Се работи за квалитетен тим на сите позиции, имаат добри играчи. Ние знаеме колку ни значи овој меч и утре нема штедење бидејќи единствена опција е победа“, изјави тренерот Владо Недановски на прес-конференцијата.
И Марио Танковски размислува слично.
„Играме на домашен терен, пред нашата публика и секогаш имаме мотив повеќе за победа. Против Порто ќе биде еден од клучните мечеви и треба да победиме ако сакаме да ја поминеме групата“, рече бекот.