Вардарци по вторпар загубија од Рајн Некар Левен, но одиграа многу подобро во реваншот

Ракометарите на Вардар загубија и во реванш натпреварот од плејофот за пласман во групите во Лигата на Европа од Рајн Некар Левен. Црвено-црните загубија со 37:33, но одиграа подобро од првиот меч кога пред своите гледачи загубија со 25:34.

Вардарци одлично го започнаа натпреварот, по десет минути игра имаа водство од 6:8 по голот на Јагуриновски. Но, германскиот тим одговори со серија 4:0 и поведе со 10:8.

Сепак, до крајот на првиот дел, Црвено-црните успеаја да се вратат во игра и со головите на Николиќ и Јагуриновски на одмор да заминат со нерешени 17:17.

Второто полувреме започна со три гола по ред на германскиот тим, но тоа не ги обесхрабри ракометарите на Владо Недановски, продолжија да се борат, во 45-та минута израмнија на 25:25, а потоа и на 26:26, но немаа сили за пресврт. На крајот, искусните ракометари на Рајн Некар Левер славеа со 37:33.

Милан Лазаревски со седум гола беше најпрецизен кај Вардар, по шест дадоа Петриќ и Јагуриновски, додека во редовите на Рајн Некар Левен по седум гола дадоа Колбахер, Андерсен и Захаријас.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести