Вардарци ветуваат дека ќе изгинат на теренот против ПИК Сегед

Македонскиот ракометен првак Вардар в четврток, од 20 часот, во „Јане Сандански“ против унгарски ПИК Сегед го игра последниот меѓународен натпревар на домашен терен во ваков состав, а четвртфиналето од Лигата на шампионите посакуваат да биде поминато и со тоа да се заврши незаборавната ера на клубот под водство на сопственикот Сергеј Самсоненко, кој објави повлекување.

„Убаво беше додека траеше. Јас сум навивач на Вардар, тешко ми е. Сепак, Сергеј нас лично ни нема кажано ништо, дали некој ќе го преземе Вардар и дали клубот ќе постои или нема. Ние сме му благодарни за она што го направи за нас досега. Тој го крена Вардар и спортот воопшто на друго ниво. Сега само Пик Сегед ни е во мислите, а за другото ќе размислуваме потоа“, рече Стојанче Стоилов.

Тренерот на Вардарци, Роберто Гарсија Парондо, очекува тежок меч задутре.

„Сакаме да бидеме на фајнал-форот, а за тоа мораме да бидеме подобри од Сегед. Тие се силен тим, но и нашиот тим одлично работеше и сигурен сум дека нашите играчи ќе одиграат најдобро што можат. Мислиме на тоа само како да играме, добро го познаваме Сегед“, вели Парондо.

 

- Оглас -

Најнови вести