Варди стави крај на најубавата фудбалска приказна, сега е време богато да „ја наплати“ кариерата

Една од најубавите фудбалски приказни повеќе од една деценија ја создаваше Џејми Варди. Варди од 2012 година беше дел од тимот на Лестер, а сега голгетерот реши дека конечно е време да се збогува со овој клуб и да продолжи во странство.

Речиси половина од кариерата Варди ја помина играјќи на аматерско ниво. Беше дел од тимот на Флитвуд таун, кога Лестер реши да го доведе во своите редови во 2012 година. За кратко време Варди стана вистински јунак на клубот кој ја испиша една од најубавите фудбалски бајки.

Тимот за кој никој не веруваше дека може да направи малку повеќе, во 2016 година ја освои титулата во Премиер лигата, а Варди беше лидер на теренот. Пред тоа Лестер го освои и ФА купот, што само беше потврда дека се работи за исклучиво силен состав, кој зад себе ги остави богатите екипи на Ливерпул, Манчестер сити, Арсенал, Челзи, Манчестер јунајтед…

По освојувањето на титулата, Варди и Лестер имаа и лоши моменти. Тимот испадна од Премиер лигата, но голгетерот му остана верен на тимот и играше во Чемпионшип, помогнувајќи му пак да се врати во елитното друштво. Сега Лестер повторно ќе испадне од Премиер лигата, а 38-годишниот Варди реши дека е време да си замине.

Според најавите, Варди се очекува сега да добие богата понуда од некој клуб од МЛС во САД. Едноставно Варди, играчот кој половина од својата кариера ја помина во аматерскиот фудбал, го оствари сонот да биде првак на Англија, да го освои ФА купот, а имаше и 26 настапи за репрезентацијата на Англија.

 

- Оглас -

Најнови вести