Македонија мора да го победи Гибралтар вечерва во Скопје, од 20.45 часот, во последниот меч од четвртата група во Сегментот Д за да си обезбеди меч на домашен терен во полуфиналето во Лигата на нациите.
Тоа ќе мора да го сториме без лидерот на тимот Горан Пандев, кој е капитен, но нема право на настап поради жолти картони. Отсутни ќе бидат и имењаците Стефан Спировски и Ристовски поради повреди, а во составот се враќаат Елиф Елмас, Езџан Алиоски и Аријан Адеми.
Македонија лесно го победи Гибралтар на гостински терен, а и вечерва се знае фаворитот. Лидери сме на табелата, ни одговара и реми за да го потврдиме полуфиналето, но ни треба чиста победа за да бидеме и домаќини во тоа полуфинале што ќе се игра во јуни следната година.
Варијанти има многу, а најповолната може да ја доведе Македонија да биде и најдоброрангирана селекција во Сегментот Д во фазата по групи. Ако ние го победиме Гибралтар, а Грузија од 18 часот не успее на домашен терен да го надигра Казахстан, тогаш би биле селекцијата со најмногу бодови од сите победници во четирите групи и ни следува стартниот број 1 во полуфиналето.
Тоа би значело дека ќе играме со Косово или со Азербејџан на домашен терен во полуфиналето од Сегментот Д, а се игра само еден меч, што е голема предност.
Најреална варијанта е Грузија да го победи Казахстан на свој терен денеска и во тој случај тие со вкупно 16 бодови ќе бидат рангирани како број 1, Македонија ќе биде зад нив со 15 и како втора најдобра селекција по фазата по групи би играле полуфинале против Белорусија во Скопје.
Тоа се само варијанти, а императивот вечерва на националната арена во Скопје е да се победи Гибралтар, за полесен пат кон настап на Европското првенство во 2020 година.