Вардар претрпе три порази на исто толку подготвителни натпревари во Аланија, а утре го очекува и четвртиот меч, против украинска Александрија.
Најтрофејниот македонски клуб има многу млад тим, а добар дел од играчите за првпат се на подготовки со сениорскиот состав.
„Поголем дел се млади, немаат искуство со подготовки. Има потенцијал во овие момци, но и во моментов тие собираат искуство кое го немаат. Важно е како што кажав овие млади играчи да соберат искуство. Да не заборавиме дека можеби ова е најмладиот Вардар кој што оди на подготовки, и за голем дел од овие млади фудбалери ова се први настапи во сениорска конкуренција. На добар дел од нив ова им се први вакви подготовки, и токму од тука треба да бидеме трпеливи. Сигурно дека сакаме да форсираме фудбалери од нашата младинска школа, но тоа треба да се прави во долг временски интервал. Исто така за нив е добро што имаат можност да се докажуваат со поискусните играчи. За нив е едно драгоцено искуство кое ќе им помогне за понатаму“, вели тренерот на Вардар, Александар Васоски.
Поразите од Иртиш од Сумгаит и од Миеѓ Легница се на мечеви од пријателски карактер и служат за воигрување на тимот, со многу нови играчи, како сениори.
„Резултатите од контролните мечеви ни се во втор план, важно ќе биде добро да се подготвиме, и засега можам да го истакнам моето задоволство од тоа како работи екипата на овие подготовки. Низ овие три натпревари шанса добија речиси сите фудбалери кои се на располагање во моментов, односно кои немаат никакви проблеми со повреди. Во првите два натпревари им дадовме шанса на два тима по 45. минути, на овој третиот меч менувавме во 70. минута, и како одиме кон крајот на подготовките, полека ќе се искристализира тимот, кој ќе треба да го понесе товарот низ пролетниот дел“, додава Васоски.
Вардар е на подготовки во Аланија до 4. февруари, му селдат уште три тест натпревари, а првиот сериозен испит ќе дојде веднаш на стартот од пролетниот дел од шампионатот, против Шкенндија во Тетово.