Васоски навреме побегна од хаосот, Сараево направи скандал на балканската „Ла Бомбоњера“ и загуби со службен резултат

Александар Васоски навреме си поднесе оставка во Сараево и клубот кој е гигант во Босна и Херцеговина веднаш на следниот меч доживеа голем срам и приреди скандал, па го загуби мечот со Широки Бријег со службен резултат од 3:0.

Денеска натпреварувачката комисија задолжена за Првата лига на БиХ донесе одлука мечот Широки Бријег – Сараево да го регистрира со службен резултат од 3:0 за домаќините.

Фудбалерите на Сараево во саботата одбија да го доиграат мечот што беше прекинат во 85. минута при резултат 2:0 за Широки Бријег.

Двајца фудбалери на Сараево беа погодени со пластично шише и чаша фрлени од трибините, а судијата Зоран Грбиќ го прекина мечот и нареди да се испразни тој дел од гледалиштето.

Откако неговата наредба беше извршена, гостите сепак одбија да го продолжат мечот со образложение дека не се чувствуваат безбедно, па со одлука на натпреварувачката комисија го загубија мечот на „зелена маса“ со 3:0.

Инцидентот го иницираше фудбалер на Сараево кој фрли мастика кон трибините и потоа само се вжешти атмосферата на стадионот „Пецара“, популарно наречен балканската „Ла Бомбоњера“, според култниот стадион на Бока јуниорс во Аргентина.

Казна ќе му биде изречена и на домаќинот, а можно е да биде суспендиран и стадионот, но Сараево го извлече подебелиот крај и загуби со службен резултат.

Васоски само еден меч претходно си поднесе оставка и замина од Сараево, чиј тренер беше од почетокот на оваа година.

Со него на клупата Сараево стаса до финалето на националниот куп што треба да се игра на 19. мај на „Билино поље“ во Зеница, а противник ќе им биде Вележ.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести