Селекциите на Србија и Хрватска со игрите и резултатите на завршницата од Светската лига потврдија дека во моментов најквалитетното ватерполо на светот се игра на балканските простори. Овие два тима од 16.45 часот на базенот „Ташмајдан“ во Белград ќе си ги одмерат силите во големото финале. Победникот уште од сега ќе обезбеди место на Олимписки игри.
Сепак, ривалството е она што ќе биде главниот мотив кај двата тима. Во првата фаза, Србија ја победи Хрватска со 11-10.
„Ги победивме еднаш, веројатно можеме повторно. Публиката е на наша страна. Но, има едно непишано правило дека тешко е да победите некого двапати на ист турнир“ – претпазлив е Андрија Прлаиновиќ, кој го даде победничкиот гол во победата над Хрватска пред една недела.
„Баракудите“ се оптимисти дека среде Белград може да го сивладаат „делфините“ во оваа ватерполо класика.
„И ние и Србите сме заморени, игравме секој ден, па мислам дека и физичката подготовка ќе го одлучи победникот. Ова се двете најдобри селекции на светот во последните 10 години и публиката ќе ужива. Влогот е голем, можеби Србија е фаворит затоа што е домаќин, но тоа е уште поголем мотив за нас. Нека победи подобриот“ – рече селекторот Ивица Туцак.