Одлуката на Евролигата фајнал-форот годинава да се игра во Белград мотивирачки делуваше врз навивачите и играчите на Црвена ѕвезда, тим кој се бори за пласман во плејофот.
Ѕвезда вечерва дома се измачи, но ја победи Басконија со 86-83 и се доближи на една победа од осмиот Монако. Белградските Црвено-бели имаат и еден меч помалку, па ако го играат и добијат, би се изедначиле со Французите.
Басконија ја доби првата четвртина со 26-13, па Ѕвезда бркаше негатива и успеа во финишот да ја задржи тешко стекнатата предност. Басконија има скор 7-15.
Вечерва се одигра и градско дерби во Истанбул, првакот Анадолу Ефес ја оправда фаворитската улога против Фенербахче, Пиварите победија со 84-79 и останаа петти на табелата.