По една третина одиграни мечеви во најсилните пет лиги во Европа, Интер е уникатен во една категорија. Од вкупно 98 екипи кои се дел од најсилните првенства во Италија, Англија, Шпанија, Франција и Германија, екипата на Интер е единствена која досега нема одиграно нерешено.
По 13 одиграни кола во Серија А, Нераѕурите имаат осум победи и пет порази, а ниеднаш не одиграле нерешено. Не само во Италија, туку во сите Топ 5 лиги нема друг клуб кој барем еднаш не ремизирал. Во следното коло, в среда Интер на домашен терен игра против Болоња, па останува да видиме дали ова ќе биде дуелот на кој конечно Нераѕурите ќе одиграат „икс“.
Од сите овие 98 клубови во Топ 5 лигиве, Наполи, ПСЖ и Реал Мадрид се трите клуба без пораз. Наполи е лидер во Серија А со 11 победи и две нерешени, ПСЖ е прв во Франција со 12 победи и две ремија од 14 дуели, додека Кралскиот клуб во Шпанија има 10 победи и две нерешени. Реал вечерва гостува кај градскиот ривал Рајо Вајекано, каде што брани македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски.
Од најсилните европски лиги има и екипи кои уште не се израдувале на триумф. Елче во Шпанија во 13 средби има само четири нерешени и дури девет порази, а Кремонезе во Серија А е со шест нерешени и седум порази во 13 дуели во Италија.

