Фудбалската федерација на Македонија објави информација со детали околу начинот на купување на билети за натпреварите на нашата репрезентација на Европското првенство.
Поддржувачите на македонската репрезентација кои сакаат во живо да ја бодрат селекцијата, можат да се пријавуваат за купување на билети за мечевите од ЕП преку ФФМ. Заинтересираните може да аплицираат за билети за мечевите на Македонија до 25-ти мај до 23.30 часот.
„Преку електронска најава (име и презиме, натпревар(и) од ЕУРО 2020 заинтересирани да го следите и број на билети) испратени на e-mail адресата biljana.velkovska@ffm.com.mk, најпрвин се пријавуваат заинтересираните навивачи за купување билети, а доколку има можност барањето да се одобри, на e-mail адресата од која е испратено барањето добивате посебен код за пристап на платформата на УЕФА за продажба на билети за ЕУРО 2020. Специјалниот код за пристап и добивање можност за купување на билети за натпреварите на македонската репрезентација од Европското првенство е ограничен со можност за купување на два или најмногу четири билети за натпреварите од групата на Македонија од ЕУРО 2020. Сите билети кои Фудбалската федерација на Македонија има можност да ги понуди за продажба на македонските навивачи се од категорија 3. Цената на чинење на еден билет изнесува 30 Евра за натпревар во Букурешт, односно 50 Евра за третиот натпревар од групата против Холандија во Амстердам“ – соопштуваат од Куќата на фудбалот.