Аргентинскиот судија Факундо Телјо вечерва во Штутгарт ќе дели правда на натпреварот помеѓу Шкотска и Унгарија, а многумина љубители на фудбалот се прашуваат зошто судија од друг континент суди на меч на Европско првенство.
Во Европа има доволно квалитетни судии, но во 2020 година УЕФА и КОНМЕБОЛ направија договор за размена на судии, па така, од пред некоја година имаме ситуација на ЕП да судат Јужноамериканци, а на Копа Америка да судат судии од Европа.
На ЕВРО во 2021 година, на три меча судеа Аргентинци, а еден од тие три дуели беше Украина – Македонија, кога на нашите им судеше Фернандо Рапалини.
Рапалини на тој меч досуди по еден пенал и за Македонија и за Украина, а ниеден од тие два пенали не беше реализиран.
За судијата Телјо кој ќе суди вечер, ова ќе биде втор меч на ЕП 2024. Тој беше судија и во победата на Турција од 3-1 над Грузија во Дортмунд.