Вечерва со почеток во 20.30 часот, во Спортскиот центар „Јане Сандански” во Скопје, свечено ќе биде отворен најголемиот мултиспортски настан што досега се одржал во Македонија – Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ).
Тоа ќе биде седумдневен спортски и културен спектакл (од 20 до 26 јули), кој ќе ги обедини младите спортисти (од 14 до 18 години) од цела Европа во духот на фер-плеј, солидарност и пријателство.
Како дел од свеченото отворање, ќе се одржи голема парада на сите 49 спортски делегации, како и на Тимот на бегалци под покровителство на ЕОК, кој ќе добие заслужено внимание во духот на еднаквоста и инклузивноста.
Фестивалот официјално ќе го отвори претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Отворањето ќе биде збогатено со уникатен сценско-музички спектакл што ќе ја претстави македонската култура, звук и визуелна уметност. Некои од најпрепознатливите и најпопуларни македонски музички имиња ќе настапат на сцената, придружени од современа сценографија, мултимедија и перформанси инспирирани од олимписките вредности. Шоуто е внимателно осмислено за да го прикаже културното богатство на Македонија пред европската публика и да создаде атмосфера на единство, гордост и свеченост – вистински емотивен и незаборавен почеток на фестивалот.
ЕМОФ Скопје 2025 ќе вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини: атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо. Натпреварите ќе се одржуваат на спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и Куманово, додека натпреварите во спортска гимнастика ќе се одржат во Осиек, Хрватска, во соработка со Европскиот и Хрватскиот олимписки комитет.
Се очекува учество на повеќе од 4.000 млади спортисти, тренери, спортски официјални лица и тимски претставници, како и стотици новинари, волонтери и гости.
Настанот ќе се пренесува во живо на Македонската радио-телевизија (МРТ), а организацискиот комитет ги повикува сите љубители на спортот да бидат дел од овој историски момент и да учествуваат во најголемата спортска приказна што досега се случила во нашата земја.
Македонската спортска делегација ќе брои вкупно 203 члена, од кои 181 спортист, рекорден број во историјата на нашето учество на ЕМОФ.