Со одигрувањето на натпреварите од последното шесто коло во групите Е,Ф, Г и Х, ќе бидат познати сите учесници во осминафиналето во Лигата на шампионите.
Засега пласман во нокаут-фазата обезбедија 14 екипи, и тоа Баерн Минхен, Копенхаген, Арсенал, ПСВ, Реал Мадрид, Наполи, Реал Сосиедад, Интер, Атлетико Мадрид, Лацио, Борусија Дортмунд, Манчестер сити, Лајпциг и Барселона, а вечерва ќе се дознаат последните две екипи.
Најнеизвесно е во групата Ф, која го има епитетот на група на смртта бидејќи во неа се Борусија Дортмунд, ПСЖ, Милан и Њукасл. Милионерите веќе ги решија дилемите, а за вториот патник во осминафиналето имаат шанси сите три останати екипи.
ПСЖ е во најдобра позиција бидејќи има седум бода, додека Милан и Њукасл имаат по пет. ПСЖ ѝ гостува на Борусија Дортмунд и со евентуална победа ќе го освои и првото место, додека во Њукасл и Милан ќе играат за избегнување на последното место на табелата.
Последниот патник во осминафиналето ќе биде второпласираниот во групата Х. Барселона го освои првото место, а Порто и Шахтар, кои имаат по седум бода, ќе играат меѓу себе на стадионот „Драгао“ и ќе го дадат вториот патник во осминафиналето.
Во групата Г единствена дилема е дали Манчестер сити за првпат во својата историја со шест победи во шест меча ќе ги заврши настапите во групната фаза.
Во групата Е, Атлетико Мадрид и Лацио во меѓусебен дуел ќе одлучат за првото место.