Вечерва во Националната опера и балет во Скопје ќе се одржи 71-вото издание на изборот „Спортисти на годината“.
На оваа традиционална спортска манифестација ќе бидат прогласени и наградени најуспешните македонски спортисти, тренери, спортски тимови и репрезентации и национални спортски федерации за 2025 година, во девет категории.
Во рамките на настанот ќе се одржи и доделување на 500 стипендии „Спортска надеж”, наменети за млади, талентирани македонски спортисти – репрезентативци во различни спортови и категории, како континуирана поддршка од државата за нивниот спортски развој и напредок.
Манифестацијата е во организација на Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија.
Кандидати за спортист на годината во машка конкуренција се Енис Барди (фудбал), Стефан Михајловски (кикбокс и маитаи), Ален Рустемовски (бокс), Андреас Трајковски (атлетика) и Владимир Егоров (борење). Кај дамите, изборот ќе падне на Ангела Мојсовска (карате), Катерина Попева (боди билдинг и фитнес), Александра Марковска (фудбал), Катерина Ацевска (џиу џицу) или Сашка Колеска (спортски танци).

