Вечерва уште две екипи ќе обезбедат пласман во осминафиналето на ЛШ, на Елмас и Наполи доволен им е бод

Вечерва ќе се играат осум натпревари во рамките на последното коло во групите А,Б,Ц Д, по што уште две екипи ќе обезбедат пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите.

Во групата А, Баерн Минхен уште пред две кола го обезбеди првото место, но затоа сите три екипи имаат шанси за освојување на второто место, кое води во нокаут-фазата. Копенхаген и Галатасарај имаат по пет бода, додека во најлоша позиција е Манчестер јунајтед, кој има четири бода и кого само едно сценарио го води во осминафиналето.

Црвените ѓаволи мора да го победат Баерн Минхен и притоа да се надеваат дека Копенхаген и Галатасарај ќе одиграат нерешено.
Во случај Јунајтед да не победи, со реми на „Паркен“, Копенхаген ќе го освои второто место, додека турскиот тим со победа оди во осминафиналето.

Во групата Б, Арсенал и ПСВ Ајндховен ќе играат во осминафиналето, додека Ланс и Севиља во меѓусебен дуел ќе одлучат кој ќе го освои третото место и ќе игра во Лигата на Европа. Ланс има пет бода и со реми ќе презими во Европа, додека Севиља само победа ја носи на третото место на табелата.

Во групата Ц, Реал Мадрид е максимален со пет победи во пет меча, а на второпласираниот Наполи доволен му е само бод против Брага за да го завери второто место. Евентуална победа на Брага во Неапол со два или повеќе гола разлика ќе го однесе португалскиот тим во нокаут-фазата.

Унион Берлин е последен на табелата со два бода, два помалку од Брага, но вечерва игра против Кралевите и повеќе од извесно е дека ќе се прости од Европа.
Во групата Д, Интер и Реал Сосиедад во меѓусебен дуел ќе одлучат кој ќе го освои првото место. И двата тима имаат по 11 бода, додека далеку зад нив е Салцбург со четири, а Бенфика е последна со еден освоен бод.

Лисабонските „Орли“ доколку сакаат да го продолжат настапот во Лигата на Европа, мора да триумфираат во Австрија барем со три гола разлика бидејќи во првиот меѓусебен дуел со Салцбург загубија со 0:2.

- Оглас -

Најнови вести