Најголемото кошаркарско дерби во Македонија меѓу Работнички и МЗТ Скопје е на програмата денеска од 19:30 часот, во рамките на 17-то коло од првата кошаркарска лига.
Под „Кале“ двата вечни ривали по втор пат сезонава, односно 158-ти пат во нивната историја ќе ги одмерат силите во домашниот шампионат, а и покрај домашниот терен, Работнички е аутсајдер на оваа средба. Проблемите со кои што се соочува тимот од Центар се „таложат“ и се во шест едноподруго порази во серија.
Од друга срана, атмосферата во МЗТ е далеку подобра, иако во изминативе денови имаше смена на тренерската позиција. Александар Петровиќ се врати на клупата на Металците и во својот прв меч по кам-бекот ќе се обиде да дојде до значаен триумф.
МЗТ две средби по ред е подобар од големиот ривал (87:66, 77:69), а се наговестува дека и вечерва ќе се радува на победата, но кога е дерби тогаш нема аутсајдери и фаворити, а борбата на терен ќе покаже кој во моментов е подобар.
Тимот од Аеродром во моментов со 29 бодови е на делба на втората позиција со Гостивар, додека Работнички е под број осум со 23 бодови и доколку не преземе нешто драстично, го очекува грчевита борба за опстанок во плеј-аутот.