Шампионот од сезоната 2018/19, тимот на МЗТ Скопје Аеродром, гостува кај вечниот ривал Работнички во градското дерби на стартот од новата сезона во шампионатот на Македонија. Штрковите ќе атакуваат на шеста последователна победа против Центарти, од кои две ги запиша токму во салата „Градски парк“.
Последни 10 меѓусебни дуели
Вечното дерби овојпат нема да биде во претпознатливиот сјај, ќе недостасуваат навивачите на трибините според здравствениот протокол за забрана за групно собирање на спортски настани во земјава. Празната сала секако ќе влијае врз настапот на двете екипи, а ќе победи тимот кој е ментално подобро подготвен.
Во таборот на најтрофејниот кошаркарски колектив во земјава, беше залебежан првиот случај на корона-вирус, по што целата екипа предводена од Димитар Мираковски мораше да оди во карантин. Бројни повреди подоцна го оневозможија Работнички да тренира во комплетен состав, по што ја имаше само изминатава недела да тренира со цел состав и да се подготвува за дербито.
Мираковски е добар познавач на вечното дерби како кошаркар, но како тренер ја чека првата победа против Металците од Аеродром.
„Ова е една нова ситуација и начин на живот на кој сите се обидуваме да се прилагодиме колку што е возможно. Се обидуваме да функционираме колку што дозволува здравствената ситуација. Знаеме дека први имавме случај на корона-вирус. И штотуку почнати, мораше да одиме во 14-дневна изолација. Потоа се појавија и некои повреди. Дури сега, за првпат во текот на неделава тренираме комплетни. Меѓутоа, кога доаѓа МЗТ, се заборава на сè. Се стискаат заби и се игра на максимум, тоа е она што го очекувам од играчите. Шансите се израмнети, празна сала, по неколку нови играчи, непознаница во каква форма сме бидејќи одигравме само два контролни натпревари. И тоа е сè од март до сега. Посакувам на сите играчи, тренери, пред сè, здравје да нè служи годинава. И надеж дека што побрзо ќе заврши ова и повторно ќе играме пред полни трибини за да ги радуваме сите искрени љубители на кошарката“, истакна Мираковски.
И МЗТ се најде во слична ситуација, цел тим помина 14 дена во карантин, а тренерот Ѓорѓи Кочов се надева дека по стартот на првенството нема да има пречки во одигрување на целата сезона, а воедно посакува што поскоро да се вратат нормалните услови.
„Кога сме кај очекувања од сезоната, мојата првична и најголема желба е да сите останеме здрави и живи. Сметам дека тоа треба да биде примарната цел на сите. Навистина испраќам искрено сочуство до сите наши сограѓани кои изгубија некој свој близок во борбата со корона-вирусот. Исто така, сакам да изразам големо сочуство до можеби еден од нашите најголеми фанови и подржувач, и кој изминативе денови го загуби својот син поради корона-вирусот. Професорот скоро и да нема пропуштено наш тренинг во изминативе четири години. Најдлабоко сочувство до него и до неговото семејство. Следно е да се почне и да се доигра сезоната до крај, и во надеж дека следната сезона ќе играме и тренираме кошарка во нормални услови. Корона-вирусот го промени светот, а го натера професионалниот спорт да импровизира. Натпреварот со Работнички доаѓа во време кога и двете екипи ќе се сретнат во момент на ненатпреварувачка форма, згора на тоа без присуство на публика. Последниот натпревар го одигравме пред скоро месец и половина, а бевме и во 14-дневен карантин. Тренираме некои десет дена. Да беше некој друг натпревар , а не градско дерби, ќе кажев дека нема големо значење. Меѓутоа, играме против градскиот ривал кој направи навистина одличен тим. Ако го исконтролираме нивниот скок и шут за три поени, мислам дека ќе славиме во „Градски парк““, посочи Кочов.
Вечното дерби е закажано во 18 часот, а два часа претходно ќе игра вторито тим на МЗТ Скопје против Еуро никел 2005.