Двата најголеми кошаркарски ривали во Македонија, скопските МЗТ и Работнички, попладнево (17:30 часот) се среќаваат во салата „Кале“ каде што ќе разигруваат за трофејот во домашниот Куп.
Работнички како најтрофеен во Купот атакува на подобрување на рекордот кој засега стои на 10 титули, додека МЗТ има една титула помалку и има убава шанса во директна пресметка да се израмни со вечниот ривал.
Штрковите лесно прелетаа до финалето остварувајќи убедливи победи над Куманово со 100:84 во четвртфиналето, а потоа и над ФМП Академија со 92:72 во полуфиналето. Работнички се помачи малку повеќе за да стигне до битка за трофејот – против ТФТ Скопје триумфираше со 66:62, па беше подобар од Еуро Никел со 85:79.
По седми пат финалето ќе се одвива помеѓу вечните ривали, а во мечот Работнички влегува како бранител на трофејот освоен во сезоната 2018/19 (лани не се одигра поради пандемијата со корона-вирусот). Досега МЗТ и Работнички делеа по три победи кога во прашање се меѓусебните дуели во финалето, што значи дека по денешната средба ќе се знае кому ќе припадне директниот биланс.
1994 година Работнички – МЗТ Скопје 81:49
1996 година МЗТ Скопје – Работнички 69:64
2000 година МЗТ Скопје – Работнички 68:66
2003 година Работнички – МЗТ Скопје 70:68
2011 година Работнички – МЗТ Скопје 74:69
2018 година МЗТ Скопје – Работнички 76:67