Голгетерот број два во историјата на англиската репрезентација, Вејн Руни, смета дека гледањето на националниот тим во „бесмислени“ натпревари е здодевно и верува дека тоа го става селекторот Томас Тухел во ситуација во која не може ништо да добие.
Првите три официјални натпревари на Германецот на клупата на Трите лава беа победи над Албанија (2-0), Летонија (3-0) и Андора (1-0) во квалификациите за Светското првенство следната година, но Руни вели дека не му било забавно да ги гледа.
„Да ја гледаш Англија сега, во некои натпревари за кои однапред знаеш дека ќе победат, е малку здодевно. Последните неколку дуели беа против Андора или нешто слично. Беше навистина болно и бесцелно. Очигледно е дека кога ќе почне Мундијалот, дури тогаш можеш да уживаш. Томас Тухел е во ситуација во која не може и нема како да добие. Тој е врвен менаџер, но за овие натпревари се знае дека Англија ќе победи, без разлика како ќе играат противниците“, изјави тој во „Шоуто на Вејн Руни“.