Веќе е јасно: Квалификациите за ЕП 2024 ќе бидат без две европски велесили!

Извршниот одбор на УЕФА го одреди системот на квалификации за Европското првенство во 2024 година. Во квалификациите нема да учествуваат две селекции кои се редовни учесници на големи натпреварувања. Германија како домаќин има сигурно место на ЕП 2024, додека Русија поради инвазијата над Украина е суспендирана од овие квалификации.

Тоа значи дека во квалификациите за ЕП 2024 година ќе има вкупно 53 репрезентации кои ќе бидат поделени во 10 групи. Седум групи ќе бидат со по пет репрезентации, а три групи со шест селекции.

На завршниот турнир, освен домаќинот Германија, место на ЕП ќе обезбедат уште 20 репрезентации и тоа десетте првопласирани и десетте второпласирани селекции во сите групи.

Преостанатите три места за ЕП ќе бидат резервирани за селекции кои ќе играат во бараж-дуелите од Лигата на нациите во А, Б и Ц сегментот. Од секој сегмент, место на ЕП ќе има за најдобрата репрезентација.

Доколку победникот во Лигата на нациите има обезбедено место преку квалификациите, тогаш во баражот оди следната селекција според пласманот во групата, која не успеала да се избори за ЕП преку квалификациите.

Веќе е јасно дека во квалификациите за ЕП во иста група нема да може да бидат Украина и Белорусија, потоа Ерменија и Азербејџан, па Гибралтар и Шпанија, како и Косово, кое не може да биде во иста група со Србија и со Босна и Херцеговина.

Ждрепката за квалификациите за ЕП 2024 година ќе биде на 9 октомври во Франкфурт.

- Оглас -

Најнови вести