Веќе нема спас за Пирло: Јувентус во следната сезона ќе добие нов тренер

Италијанските медиуми тврдат дека Јувентус во новата сезона сигурно ќе има нов тренер. Најавите се дека сè поизвесно е враќање на Масимилијано Алегри на клупата на Старата дама, додека сегашниот стратег Андреа Пирло ќе оди во историја.

Пирло дојде на тренерското место без никакво поголемо искуство, а првите луѓе на клубот веруваа во некогашната фудбалска легенда. Сепак, Јувентус веќе и официјално нема шанси да ја одбрани титулата во Серија А и по пауза од девет години доминација, сега ќе го предаде тронот, најверојатно на Интер.

Јувентус дури е и во опасност да не се избори за место во Лигата на шампионите за следната сезона, а тимот рано испадна и од Лигата на шампионите, па ова дефинитивно е неуспешна сезона за најтрофејниот клуб во Италија.

Алегри, кој се споменува како старо-нов тренер, беше на чело на Јувентус во периодот од 2014 до 2019 година, кога освои пет титули во Серија А, четири трофеи во Купот на Италија и два во Суперкупот. На 271 натпревар, Алегри со Јувентус имаше 191 победа, 43 пати одигра нерешено, а доживеа само 27 порази. Во периодот со Алегри на чело, Јувентус играше и во две финалиња од Лигата на шампионите, но не успеа да го освои трофејот.

За разлика од Алегри, Пирло во првата сезона како предводник на Јувентус, во 46 меча досега има 29 победи, 10 нерешени и седум порази, биланс кој е слаб за екипа од калибарот на Старата дама.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести